Нов објект на Црвен крст Гевгелија после 55 години – потстрек за работа и напредок на хуманата мисија во Гевгелија и регионот

Нов современо изграден објект на површина од 140 метри квадратни, со работен простор од 121 м2 во кои има новоизградени 4 канцеларии, магацин, сала за прва помош и тематски училници беше свечено предаден во употреба неделава во Гевгелија од страна на високи претставници на Црвен Крст на Македонија, Генералниот секретар на ЦКРСМ – Д-р Саит Саити, Претседателот на ЦКРСМ – Проф. Д-р Ромел Велев, од Црвен крст Гевгелија и од локалната самоуправа.
Станува збор за современ објект кој го замени стариот простор на зградата на Црвениот крст во Гевгелија изграден пред 55 години на истата локација, но функционално одвоен и со помала квадратура. Новите планери просторот го искористиле до максимум оставајќи 20 м2 дворна површина за влез и дотур на роба која се испорачува до Црвен крст Гевгелија за нивните хуманитарни акции и активностите зацртани со годишната програма за работа.
Од ЦК Гевгелија настанот го оценуваат како ново дистигнување во нивната работа, но и потстрек во идните активности:
– „По половина век традиција, Општинската организација на Црвен крст Гевгелија испишува нова страница во своето работење. И официјално, на ден 06.12.2022 год. во употреба беше пуштен новиот објект и работни простории во кој идеите, плановите и потребите на граѓаните од Гевгелија, Богданци и Дојран во рамките на работата на Црвениот крст ќе бидат преточени во дела“.
Целата инвестиција е ангажман на ЦК Македонија, и донаторски фирми од Гевгелија („Фламинго“, „Дојран Стил“, „Конти Хидропласт“, „Дентиција“, „Марија Транспорт“, „Џокер“, „Јолмар“), а со своја конкретна реализација во уредување на дворното место и оградата учествуваше и Општина Гевгелија.
За ваквиот ангажман на ЦК Македонија за ЦК Гевгелија секако допринесуваат досегашните децении наназад активности на Гевгелискиот Црвен крст, редовен првак по крводарителство во рамки на Македонија и добитник на Благодарници за хуманост.
Годинава што изминува ЦК Гевгелија испиша свои достигнувања:
– 11 крводарителски акции и 700 донирани крвни единици;
– 4.000 доброволни работни часови од страна на тимот од 80 доброволци во Црвен крст Гевгелија;
– 4 донаторски акции и поделени 150 пакети храна и хуманитарна помош;
– исцртани три градски мурали во рамките на акцијата „Нашата приказна продолжува со тебе“;
– Изведба на 2 проекции на „Летно кино“ во Гевгелија и Дојран;
– Одбележување на Светскиот ден на гладта со донаторски акции на храна;
– Одбележување на Меѓународниот ден на дијабетот со бесплатно мерење на шеќер во крвта на јавен простор, а штандот беше посетен од над 60 граѓани;
– Одбележување на „Октомври, месец за борба против ракот на дојка“;
– Соработка со Здруженијата на пензионери од Гевгелија, Богданци и Дојран;
– Играње на шах, табла и домино со пензионерите од Гевгелија за поголема социјализација на постарите лица и мисловна окупација со игра и дружење со младите волонтери од Црвен крст Гевгелија;
– Воспоставена традиција да се посетува најстариот жител на општините Гевгелија, Богданци и Дојран каде е работно надлежен Црвен крст Гевгелија со изразување почит и пораки за добро здравје и долг живот;
– Соработка со двата центра за лица со попреченост во Гевгелија, изведување на акцијата за подготовка на традиционалниот гевгелиски ајвар „Ајвар со љубов“ и организирање на „Мала Олимпијада“;
– Изведување на обуки за давање прва помош на 220 учесника;
– Учество на семинари, тематски работилници, републички настани на ЦК со цел
ширење на волонтерството и хуманата мисија на Црвен Крст Гевгелија.
– „До крајот на годината ни’ преостануваат уште 2 крводарителски акции од кои очекуваме годишниот фонд на крводарувања да достигне околу 800 крвни единици, како и донаторски акции во пресрет на Новогодишните и Божиќните празници“ , истакна за GevgelijaNet Лазар Мешков, секретар на ЦК Гевгелија.
– „Следната година ќе биде во знакот на активности кои ќе го направат препознатлив Црвен Крст Гевгелија за секое семејство од регионот. Исто така започнуваме со еден нов проект „Подобрување на социјалните услуги на жителите од Гевгелија, Богданци и Дојран“ одобрен од Светска Банка, во вредност од 7.538.848 денари. Со проектот треба да обучиме 12 персонални асистенти кои треба да опслужуваат 24 лица, на возраст од 6 до 64 години, а на кои им е потребна дополнителна помош од друго лице. Ова е нова соработка за нас со сериозни партнери, Светска Банка и Министерството за труд и социјала и веруваме дека ќе бидеме на ниво на задачата и како Црвен крст и нашите едуцирани кадри и волонтерите со кои работиме“, беше искрен и оптимистичен во своите програмски најави секретарот на ЦК Гевгелија, Лазар Мешков за новите проектни ангажмани на гевгелиската хуманитарна организација наменета за сите на кои им треба помош.
Ние им посакуваме успешна работа на гевгелиските хуманитарци за доброто на сите на кои им треба подадена рака.

Posted

in

by

Tags:

Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *