Селото Ума доби целосна асфалтна сообраќајница со Гевгелија

Со средства од Бирото за регионален развој на РСМ од 5,3 минлиони денари и учество на општина Гевгелија со средства од 1,5 милиони денари, завршено е асфалтирањето на последната патна делница кон планинското село Ума во гевгелиско.
Овој проект вреден 6.700.000 денари значеше асфалт на последните 800 метри во влезот кон селото Ума. Истиот беше предвиден како приоритетен проект од Југоисточниот плански регион прифатен уште декември 2020 година, а се конкурираше за средства преку Бирото за регионален развој. Во 2021 година средствата беа одобрени, а во мај годинава започнаа работите на терен.
Со тоа Уменци конечно може да се пофалат дека добија асфалт од Гевгелија до селото. Оваа патна сага трае повеќе десетлетија за жителите и имателите на викенд куќи во ова гевгелиско село. Првите потреби за солиден пат ги искажаа преку Месната заедница Ума за пробивање на пат до селото уште во 80-те години, потоа тампонирање на истиот, сето реализирано со средства на Министерството за транспорт и врски преку програмата за рурален развој. Најголем гласник за потребата од пат до планинската воздушна бања Ума беше Здружението на власи од овој крај чии членови се иматели на ниви и објекти во селото. Километар по километар патот се пробиваше, тампонираше, асфалтираше.
За секоја фаза од изградбата потпис ставаа повеќе градоначалници на општина Гевгелија со градежни изведувачи.
Конечно може да здивне и душата на покојниот Стојан Ризовски, човекот кој како претседател на МЗ Ума и ЗГ на власи најголем дел од својата општествена дејност ја посвети токму на Ума и добивање пристоен пат по сите градежни стандарди кон ова село сместено на 800 метри надморска висина на Кожуф планина.
Честито за Уменци!

Posted

in

by

Tags:

Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *