ДОНЕСЕНА ОДЛУКА ЗА ПОКАЧУВАЊЕ НА ЦЕНАТА ЗА ЃУБРАРИНА што ќе ја плаќаат жителите на општина Гевгелија

Советот на општина Гевгелија на денешното продолжение на 19-та седница со 10 гласови „за“, 8 „против“ и 1 „воздржан“ ја донесе Одлуката за вредноста на цената за соборање, транспортирање и одстранување на цврст смет на територијата на општина Гевгелија.

За донесувањето на одлуката која автоматски ќе предизвика пораст на сметките кои ЈПКД „Комуналец“ ги испорачува до граѓаните и правните лица се здружија гласовите на ВМРО-ДПМНЕ и ВМРО-Народна партија.

Против одлуката во одбрана на стандардот на граѓаните гласаа советниците од редовите на СДСМ, од Левица и советникот од независната граѓанска листа. ЛДП гласаше воздржано.

Во расправата на оваа точка важна за сите жители на Гевгелија, која доаѓа по предлог на градоначалникот на Општината, се вклучија, претставник од ЈПКД „Комуналец“ и советниците, но не и самиот предлагач.

Томе Кичуков од Независната граѓанска листа изрази сомнеж во точноста на Одлуката која за еден ден се понуди на советниците со една вредност, а друг ден со друга вредност „заради додворување кон граѓаните“. Тој посочи дека на променетите вредности настанати без консултации со советниците или стручните фактори не верува во исправноста на Одлуката: – „Како преку ноќ се менуваат цени, не знам и не верувам“ констатира Кичуков.
Истото го потврди и советникот од СДСМ Миле Атанасов кој додаде дека вредноста на услугата според Одлуката добиена на 18.11.2022 била 3,9 за физичките лица, а на 19.11.2022 без никакво објаснување е понудена на 3,3 денари за физички лица по м2 површина.

Тој посочи дека со одлуката е доставена методологија за утврдување на цената на собирање, транспортирање и отстранување на цврст отпад, но сите елементи во методологијата не се застапени во услугите на ЈПКД „Комуналец“. Во методологијата е планирано селектирање на отпад, складирање на отпад и други еколошки параметри во третирањето на отпадот што не е случај со услугата која ја дава гевгелиски Комуналец.

Тодор Ристив од СДСМ посочи дека Владата на РСМ донесе мерки со кои комуналните претпријатија, ќе бидат воведени во регулираниот систем за снабдување со електрична енергија, без берзанските шокови на светскиот пазар со цел непречено функционирање на комуналните претпријатија во дејноста снабдување на граѓаните со чиста вода. Трошоците за електрична енергија за водените пумпи и пречистителните станици одат на регулираниот систем на снабдување со електрична енергија со цел да не се предизвика пораст на цените за снабдување на граѓаните со вода за пиење. Наместо тоа, одржување на трошоците на исто ниво, „Комуналец“ посегнува по џебот на граѓаните преку услугата „ѓубретарина“ и сега треба да се претвори во сектор „имотно прави односи“ да ни’ ги мери квадратите на станбениот простор и дворните места – заклучи Ристов.
Епилогот од гласањето го донесе резултатот. Одлуката е донесена и ќе важи од денот на донесувањето, значи од денеска, а ќе биде објавена во Службениот гласник на општина Гевгелија.

Со неа граѓаните ќе плаќаат ѓубрарина со вредност:
– 2,9 денари по м2 за станбен простор и
– 0,4 денари по м2 за дворно место.

Малите правни субјекти како и институции од јавната сфера (училишта, болници, градинки, пензионерски домови, верски објекти) и мали претпријатија ќе плаќаат 720 денари месечно и:
– по 7,0 денари на м2 површина на деловниот објект и
– 1,0 денари на м2 површина на дворниот простор на деловниот објект.

Големите правни субјекти (производни капацитети, трговски центри, фабрики, банки, хотели, осигурителни компании, стоваришта и други правни лица) ќе плаќаат по 720 ден./м3 за собран, транспортиран и однесен цврст отпад.

Само еден месец ги делеше гевгеличани од спас од ова покачување. Методологијата за пресметка на вредноста на цената за собирање, транспортирање и отстранување на цврст отпад важи до 31.12.2022 година.
И само уште еден глас „НЕ“ можеше да ги спаси гевгеличани од новите цени за комунални трошоци. Но, некој се раководел во гласањето од лични калкулации.

Фото: од моментот на гласањето „за“ Одлуката на 19-та седница


Posted

in

by

Tags:

Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *