Зaдолжителна исплата на К-15 за вработените и јавната администрација

Регресот за годишен одмор, популарно познат како К-15 треба да биде исплатен до крајот на годината, заклучно со 31.12.2022 година. Неговата висина според законските одредби годинава изнесува 12.500 денари и е обврска на секој работодавач во државата да го исплати кон своите вработени.

Некои вработени, веќе го добија регресот од своите работодавачи, но тие се во многу помал број, а најзначајните исплати се очекуваат во деновите пред нас.

Исплатата на регресот за годишен одмор е дефинирана со Законот за работните односи и доуредена со Колективниот договор. За приватниот сектор е предвидена задолжителна исплата на К15 согласно општиот колективен договор од областа на стопанството и тој изнесува 40 проценти од висината на просечната плата на ниво на државата на денот кога е донесена одлуката за исплата на регресот за годишен одмор.

Оваа година, со К15 ќе се омрсат и околу 12 илјади административци. Односно, согласно со гранскиот Колективен договор за вработените во јавниот сектор потпишан во 2020 година меѓу УПОЗ и Министерството за информатичко општество и администрација, оваа година К15 ќе им следува на вработените во органите на државната управа, судството и општините. За нив е утврден фиксен износ на регрес за годишен одмор во вредност од 9.000 денари.

Регресот треба да се исплати најдоцна до 31.12. во тековната година. Треба да го исплати секој работодавач кај кого работникот работел во тековната година најмалку шест месеци, односно во таа фирма имал непрекинат работен однос од шестмесечен временски период. Тоа значи дека дури и во меѓувреме некој работник да си заминал од одредена компанија, доколку таму работел непрекинато половина година, работодавачот има обврска да му исплати К15 за таа година во законски предвидениот рок.

– „Доколку на работникот не му биде исплатен регрес до крајниот рок, веќе во наредниот работен ден во 2023 година, тој може да поднесе претставка до Државниот инспекторат за труд и тоа на еден од следниве начини: или преку формите на веб страницата на ДИТ, со тоа што е овозможена анонимна пријава од познат подносител, потоа преку кол центарот на ДИТ, или лично да се поднесе пријава во некоја од најблиските подрачни единици на Инспекторатот“, објаснуваат од Секторот за инспекциски надзор во Државна инспекција за труд.

 


Posted

in

by

Tags:

Comments

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *